Адријана Поп Арсова: „Јас го можам тоа!“

Маратонката Адријана Поп Арсова е годинешната лауреатка, добитничка на признанието најуспешна македонска спортистка за 2019 на гала настанот „Вечер за жени во спортот“ што втора година по ред го организира ТАКТ. Поп Арсова вели дека е пресреќна што е препознаен нејзиниот труд и придонес во атлетиката, а ова признание и е посебно драго и затоа што е „од жените за жените“. Дека статуетката заврши во вистински раце, најдобро говорат нејзините импресивни резултати. Таа е актуелна државна рекордерка и прва македонска атлетичарка што успеала да истрча маратон под три часа. Годинава што изминува Адријана Поп Арсова ја заокружи со 20 трки и седум пати соборени државни рекорди на долги патеки. Тоа и го донесе заслуженото признание од ТАКТ и дополнителен мотив и инспирација за уште поуспешни резултати во олимписката 2020 година.

ТАКТ: Колку ти значи едно вакво признание – Најуспешна спортистка за 2019 година во изборот на ТАКТ?

Многу ми значи, посебно бидејќи е од жените. Се радувам што мојот труд и придонесот во атлетиката се препознаени и тоа секако уште повеќе ме мотивира.

ТАКТ: Дали очекуваше вакво признание како круна на исклучително успешната сезона?

На некој начин, да. Сепак, тоа е зависно од критериумите на самиот избор. И другите спортистки имаат одлични резултати сезонава, така што, искрено, не знаев до самиот крај. Многу ме израдувавте, ТАКТ!

ТАКТ: Како изгледа еден ден на најдобрата македонска маратонка?

Генерално,  денот ми се состои од два тренинга во зимскиот период, првиот сабајле е лесно истрчување, а вториот е побрз, интервалски. Помеѓу двата тренинга се одморам и јадам – многу (се смее…) и завршувам некои домашни обврски.

ТАКТ: Од каде потекнува љубовта кон атлетиката и како се определивте за маратонското трчање?

Со атлетика почнав многу доцна, на 22-23 години. Мојата прва трка беше без некои посебни тренинзи, на полумаратонот (21 км) „Трчаме кон целта“, што воедно беше и државно првенство во полумаратон. На оваа трка го освоив третото место. Во прв момент  не ми се веруваше, затоа што мојата намера беше само да успеам да истрчам до крај. Оттогаш почна сè. Потоа добив покана од тренерот Перо Тодоровски за членство во клубот „Делта“ и така продолжив со атлетика.

ТАКТ: Маратонот е една од најтешките дисциплини, која бара голема издржливост и извонредна физичка и психичка подготвеност. Што е вашата најголема мотивација и од каде црпите сила?

Токму затоа што е најтешката атлетска дисциплина, за мене претставува голем предизвик, бидејќи колку и да си подготвен, не знаеш каков ќе биде исходот. Во текот на самиот тренинг за секој маратон се соочувам со предизвици, кои би можеле да се случат и на трка и тогаш си правам стратегија како најлесно да ги поминам и да го задржам посакуваниот ритам. Можам да кажам за себе дека имам голема внатрешна мотивација и желба за успех, која ме турка напред и оттаму ја црпам целата енергија и секогаш имам позитивен став, општо, кон тренингот и кон исходот од натпреварувањата.

ТАКТ: Како се подготвувате за маратоните, имате ли некој посебен ритуал пред трката?

Подготовката трае неколку месеци и вклучува голема неделна километража, како и тежински тренинзи. Инаку, моето мислење е дека во неделите пред трка веќе го имам оформено резултатот што ќе го истрчам и пред самиот старт ништо нема да ми помогне да истрчам побрзо од што сум подготвена, така што немам ритуали пред стартот на трката, туку само го применувам она што сум го вежбала и претходно во врска со храна, течности и опрема. Само, гледам да не воведувам нови работи затоа што не знам како ќе ми влијаат.

ТАКТ: Дали имате некој омилен маратон и која трка има оставено посебен белег на вашата атлетска кариера?

Секоја трка за мене е посебна и различно ја доживувам, но мислам дека можам да го издвојам маратонот во Подгорица во 2018 година, кога ја урнав границата од три часа. Навистина беше посебна трка.

ТАКТ: Која е најтешката трка што сте ја истрчале досега?

Последна најтешка трка беше полумаратонот во Софија. Не се чувствував добро тој ден, едвај ја истрчав трката. За моја среќа, во тие моменти многу ми помогна Игор Јакимовски и ја завршивме успешно со освојување на првото место.

ТАКТ: Што е тоа што ве движи напред во моменти на замор или во оние кризни моменти со кои се соочуваат маратонците за време на исцрпувачките трки?

Самата помисла дека имам многу вложено и се имам откажано од многу работи само да бидам таму каде што сум, ме турка напред. Секогаш во тие моменти позитивно се охрабрувам себеси и си кажувам дека јас го можам тоа!

ТАКТ: Колку спортот влијае и го менува животот на една успешна млада девојка?

Го менува секако, бидејќи, на пример, саботното излегување е заменето со одмор и спиење за да може да се одработи утринскиот неделен тренинг. Но сепак, треба да се има баланс и со останатите работи во животот што нè исполнуваат.

ТАКТ: На годинешниот Скопски маратон поставивте нов државен рекорд, а успешната серија продолжи и во наредните трки со три истрчани маратони под три часа. Дали со тоа се исполнети големите планови што ги најавивте на почетокот од годинава?

Генерално, ги исполнив сите планови за оваа година. Оваа година ја заокружив со 20 успешни трки од 5 км, 10 км, 21 км до 42 км и седумпати поставување национален рекорд на долги патеки. Навистина сум задоволна со она што го покажав и што го постигнав во изминатата година.

ТАКТ: Какви се очекувањата за наредната олимписка година, дали Олимписките игри во Токио се достижна цел?

Сега правилата за учество се променети и нормите се поместени, останува да видиме каква ќе биде одлуката на МОК и кои ќе бидат наши учесници на Олимпијадата. Но се надевам дека и 2020 година година ќе биде богата и успешна.