Гордана Кочева: „Фудбалот е еднаков за сите!“

Гордана Кочева: „Фудбалот е еднаков за сите!“
Гордана Кочева: „Фудбалот е еднаков за сите!“

Гордана Кочева е една од ретките жени во „машкиот“ спорт. Таа е поранешна фудбалерка, а денес дипломиран тренер со лиценца од УЕФА и една од најзаслужните за отворањето на првите женски фудбалски школи во Македонија. Работи како тренер волонтер во проектот „Open fun football schools“ и како тренер во училишниот спортски клуб во Валандово. Во својата тренерска кариера Кочева има работено и со машки и со женски фудбалски екипи во сите категории. Две години ги предводеше сите младински машки категории во ФК Миравци, беше тренер на младинската екипа во ФК Валандово Вардар, а во женскиот фудбал беше на клупата на ЖФК Тиверија, ЖФК Победа, прв тренер на младинската екипа на ЖФК Истатов и асистент во првиот тим. Секојдневно се бори со предизвиците и своето долгогодишно искуство со голем ентузијазам и посветеност го пренесува на терен. Гордана Кочева не може да го замисли животот без спортот кој, како што вели, носи посебна магија и ги надминува сите стереотипи.

Како се роди љубовта кон фудбалот и како почна целата таа приказна?

Уф! Љубовта воопшто кон спортот во целина е родена заедно со мене. Приказната почнува одамна, во периодот пред деведесеттите години или што би рекла јас, уште во минатиот век. Имам прекрасна местоположба на живеење, буквално во дворот на зградата ми се наоѓа училишното игралиште (тогаш во градот немаше спортска сала), кое ми беше втор дом, а и нормално на училишните часови по физичко воспитување каде што почнав со неколку спортови паралелно – фудбал, кошарка, ракомет. Конкретно фудбалот почна да си зазема посебно место во периодот после 12-тата година, момент кога на југоистокот најпопуларни беа турнирите во мал фудбал и на нив почнаа да се формираат и да настапуваат и женски екипи. Оттаму почнува приказната која подоцна продолжува во неколку екипи (Тиквешанка-Кавадарци, Кочани-Кочани, СЦ Истатов – Дојран и Тиверија-Струмица), со една првенствена и Куп-титула, една вицешампионска титула и квалификации за Лига на шампиони. А, приказната еве сè уште трае и тренерски.

-Што беше пресудно во желбата и во упорноста да се надминат стереотипите во спортот кој важи за машки, посебно во мала средина?

Пресуден фактор за сè е љубовта, таа е универзална движечка сила на сè. Јас не можам да се замислам без спорт генерално. Спортот за мене е посебна магија, а тоа ги надминува сите можни стереотипи. Посебно кога сте во мала средина треба да верувате и да живеете за таа магија.
Такви стереотипни размислувања и реченици имало отсекогаш, особено поврзани за жена/девојче и фудбал. На нашата средина некако не ѝ одат баш во корелација, ама ние сме тука за да го докажуваме спротивното. Ако направиме некоја временска паралела од моите почетоци до денес, генерално, стереотипните размислувања се драстично сменети и тоа во позитивна насока. Но нашата борба мора да продолжи.

Како поранешна фудбалерка, а потоа и како фудбалски тренер, долго време сте во овој спорт. Што е потешко: да се биде фудбалерка или жена фудбалски тренер?

Со предрасуди се среќаваш и како играч и како жена тренер. Тежината на сето тоа, секако, е поголема кога си тренер. Кога си играч имаш едно големо задоволство – да си играш со топката и една цел – да победуваш. Како тренер веќе работите стануваат сериозни, од стручноста, одговорностите, задачите што се поставени пред тебе, па сè до борбата дека сè треба да докажуваш трипати повеќе за да рушиш некои предрасуди што постојат во нашето општество.

Може ли да се направи една паралела како беше некогаш кога Вие ги правевте првите чекори во овој спорт и како е денес? Дали е променет односот кон женскиот фудбал?

Ако направиме паралела во однос на професионализам, подигнување на нивото на квалитет воопшто на женската лига и вложување во женскиот фудбал, разлика речиси и да не гледам. Со исклучок на неколку клубови кои посветуваат внимание на младинските школи, сè друго како да стои во место со години. А, ако направиме паралела во односот на средината и нејзините размислувања на фудбалот како еднаков спорт, секако има позитивни промени. Денешните девојчиња имаат и поддршка и насоки од дома да тренираат фудбал. Особено во поголемите градови таа култура за спорт е секако поинаква за разлика од помалите средини, па и рурални средини каде сè уште ете, фудбалот се смета за машки спорт.

-Дали мислите дека жените за да успеат во фудбалот треба да се докажуваат повеќе од мажите?

И тоа како! Па дури сега, после години и години борба, имаме судијка на машки натпревари. Се надевам дека нема толку многу да чекаме за да ја имаме и првата жена тренер на некоја машка екипа. Имам впечаток дека жените со овие специфични професии се гледани низ дупла призма и со помала доверба и секако, од старт добиваат многу мал простор за докажување. Еве, за илустрација само да се запрашаме колку клубови во државата му дале простор на женски тренер да работи?

-Кои се најголемите предизвици со кои сте се соочиле во фудбалската кариера?

Предизвиците се секој ден, од секаков калибар. И сè уште се соочуваме со нив. Предизвик е да се освои дупла круна, но и притоа низ годините да се игра на лоши терени со руинирани соблекувални. Предизвик е секој натпревар, секој тренинг. Предизвик е борбата за родовата еднаквост во фудбалот.

-Што треба да се подобри или да се смени за женскиот фудбал во Македонија да биде на едно повисоко професионално ниво?

Женскиот фудбал во Македонија е на ниво на аматеризам. Значи, сè треба да смениме и да подобриме за да стасаме на некое ниво на полупрофесионализам. Па ние немаме изедначен статус ни внатре во самата федерација, женскиот фудбал е на маргините. Дали се сеќавате дека женската репрезентација две години паузираше од меѓународни настапи? Не постои стратегија за развој на женски фудбал, имаме слаби финансиски вложувања во клубовите, тешки услови за работа, еден куп аномалии што секако се одразуваат и на резултатот на клупски и на репрезентативен план. Секоја чест на сите колеги тренери и спортски работници што работат по клубовите и кои со години се вложуваат од љубов кон спортот. Секоја чест и за самите фудбалерки, заради кои сè уште и имаме воопшто женски фудбал во државата.

-Како фудбалски тренер сте работеле со помлади категории, момчиња и девојчиња кои го сакаат фудбалот. Како изгледа тоа на терен, кој побрзо ги совладува техниките?

Точно така, имам работено и со момчиња и со девојчиња, а на терен се знае, секогаш е забавно. Кај нас децата тренираат заедно, во детските лиги исто така настапуваат заедно, тука сме сите еднакви. Понатаму според возраста следува натамошната категоризација и продолжување во машки и женски младински лиги. И машките и женските деца во различни периоди ги одликуваат различни карактеристики, но дефинитивно морам да ги пофалам девојчињата за желбата, упорноста, истрајноста.

-Што би им препорачале на девојчињата кои сакаат да тренираат фудбал и да градат фудбалска кариера?

Да тренираат и да уживаат во играта без разлика на сè. Да веруваат во фудбалската магија, да имаат големи соништа кои со многу работа и вложување ќе ги остварат. Фудбалот е еднаков за сите.