Скопски Спортски Фестивал: славење на успехот и спортот

Скопски Спортски Фестивал: славење на успехот и спортот
previous arrowprevious arrow
next arrownext arrow
Slider

Оваа година за прв пат се случи Скопскиот Спортски Фестивал. Сето тоа во Градски парк, на Школка, култно место за најразлични настани на отворено. Еден прекрасен простор кој за прв пат го вдоми овој несекојдневен, возбудлив настан.

Што се случи? Скопскиoт Спортски Фестивал ни понуди спортско рекреативни активности за сите генерации и за целото семејство, а во него беше инкорпорирана и REEL ROCK филмската турнеја. Започна во 17 часот, за да може да ги згрижи сите заинтересирани, и млади и постари. Настанот се состоеше од неколку сегменти. Посебно предвидени зони во кои децата имаа прилика да учествуваат во забавни полигони и традиционални спортски игри беа расфрлани насекаде по тревата, додека возрасните за тоа време можеа да се информираат за сите спортски можности и случувања, понудени на едно место, преку штандовите на саемот за спорт, на кои се претставија разни спортски клубови, федерации и организации. Паркот почна да врие од енергија, а се случи и официјалното отворање.

Фестивалот започна со јавување на организаторите на овој настан, Магдалена Спасовска и Тони Димитров, а и Бен Лингеман од Американската Амбасада, која го поддржа овој настан. Динамиката ја создаваше и водителот Марко, најавувајќи ги посебните делови од настанот. Ги најави и мотивациските говори на спортистите кои презентираа успешни спортски приказни. Лана Нацев со својот тим за уметничко лизгање беа први. Една интересна најава на тоа што тие прават, а потоа и Дарко Брезовски кој ни објасни повеќе за триатлонот. Кајл Бучер пак од Мировниот корпус од Крива Паланка, ни кажа за своите активности како волонтер, и на крајот се појави Ангелина Ивановска со својата приказна за единствениот женски судија во пинг понг во Македонија.

Исто така, на фестивалот, беа изведени разни практични вежби, се вежбаше кик бокс, одбојка, мечување, пинг понг и уште многу што, додека во позадина одеа кратки видеа од најразлични спортски успеси и активности на клубовите. Македон ни ја покажаа својата планинарска опрема, а исто така и едриличарскиот клуб Развигор 103, кој беше присутен на саемот со своите даски!

Одеднаш се крена голема прашина. Започна мини маратон од 1 км! Децата се растрчаа околу паркот со цел да ја освојат својата медаља. За цело време на фестивалот маскотата шеташе наоколу и ги забавуваше најмладите, а исто така и паљачото на штули. Децата ја наместија и спортската сложувалка, а веднаш по тоа, иако не најавен (а тоа и е поентата!) се изведе и краток флеш моб! Тоа веројатно значеше и крај на овој прв динамичен дел, и почеток на вториот – проекција на најновото издание на REEL ROCK.

окалните достигнувања во алпинизмот ни ги претстави Маја Бошковска. Беа презентирани нејзините успеси, од почетоците како планинарка, преку Солунска Глава, Триглав, Аплите, па до нејзиното последно искачување на Аконкагва, највисокиот врв во Јужна Америка. Во склоп на фестивалот беше поставена и изложба на фотографии од оваа нејзина експедиција.

Беа наместени столчиња и започна проекцијата на најновото издание на качувачкиот документарен серијал REEL ROCK 12 каде по четврти пат во Скопје беа претставени најголемите качувачки приказни, на најголемите качувачи во светот. Оваа година тоа беа приказните на Марго Хејс, првата жена која искачила насока со оцена 9а; Бред Гобрајт, надоаѓачката фри соло ѕвезда со зависност од крофни; враќањето на Крис Шарма на deep water solo сцената; и на крај приказната на Морин Бек, која качува насока со оцена 7а со една рака!

Дванаесетата REEL ROCK филмска турнеја, традиционално започна во септември во Болдер, Колорадо, а потоа премиерите продолжија насекаде низ светот, прикажувајќи ги најдобрите филмови за алпинистичките авантури на публиката ширум светот. Оваа година со REEL ROCK 12, Скопје заедно со уште околу 500 градови низ светот, повторно ја имаше несекојдневната можност да го гледа најновото издание на REEL ROCK и доби уште една доза од најголемите аутдор и качувачки достигнувања од најзначајните и најискусните качувачи.

Веќе се стемни, совршено време за филм, а публиката расфрлана околу Школка, воздивнуваше на сцените со успоните и падовите на качувачките ѕвезди се до доцна во ноќта. Возбудливите приказни за качувачките достигнувања завршија, а публиката беше сѐ уште на овој пријатен простор во паркот, резимирајќи ги своите размисли, ставови, искуства, и покрај дождот кој сакаше да ја расипе забавата, но сепак не успеа.

Сѐ на сѐ, беше тоа еден возбудлив ден во градкиот парк, набиен со спортски дух, елан и ентузијазам. Ден во кој се измешаа различни генерации, со различни спортски преференци, и во кој пред сѐ се славеше активноста, успесите и спортот!

Gepostet von TAKT – Together Advancing Common Trust am Freitag, 4. Mai 2018

Gepostet von TAKT – Together Advancing Common Trust am Freitag, 4. Mai 2018

Gepostet von TAKT – Together Advancing Common Trust am Freitag, 4. Mai 2018