Епилепсијата е една од најзачестените болести или пореметувања во неврологијата која заради своите карактеристики претставува сериозен медицински и социјален проблем. Епилептичниот напад е видлив симптом и во зависност од тоа во кој дел од мозокот се јавува пореметувањето може да се манифестира со грчеви во мускулите, пореметување на допирот, мирисот, видот или слухот како и пореметување на свеста.
Епилепсијата е со векови проследена од големи предрасуди и стигматизација, а сето тоа не тера да си ги поставиме прашањата: “Kако да водам нормален живот ако нападите можат да се јават во било кое време? “, “Дали приспособувањето на болеста ќе ми го намали квалитетот на живеењето?”, “Како ќе ме прифати околината?”.
Презаштитеност, социјална изолација, депресија и страв кај лицата со епилепсија претставуваат пречка за водење активен живот.
Речиси секогаш постои загриженост дека учеството во спортска активност ќе испровоцира епилептичен напад или дека нападот за време на спортска активност ќе го зголеми ризикот од повреда. Сето ова води кон поголемо внимание кон ризиците од учеството во спортски активности за разлика од придобивките.
Придобивките од учеството во спортски активности за лицето со епилепсија се физички и психички. Од лично долгогодишно искуство со спорт и присуство на епилепсија во мојот живот, можам да заклучам дека спортот речиси секогаш е повод за пријатни искуства, пријателство, физичко здравје, социјална интеграција и психичка стабилност кои поволно влијаат кај лицата со епилепсија.
Но дали спортот е дозволен и кои се опасностите што ги носи, при таквата состојба, се дилеми што секој ги има. Околу забраната за спортување се зборува уште при првата посета на доктор, чија улога е да ги запознае лицата со епилепсија и нивните блиски со ризиците кои спортувањето може да ги донесе но и придобивките за кои што треба да се размисли.
Освен поединечните афинитети кон некој спорт, при одбирањето на правилната физичка активност во предвид треба да се земат повеќе фактори со што би се заштитиле себеси. Поради тоа што епилепсијата се манифестира кај секоја индивидуа различно, задолжително е да се размисли околу степенот на контрола на нападите, честотата на појавување на нападите, физичките можности и подготвеност, несаканите дејства од антиепилептиците кои се примаат во моментот и други фактори во околината кои би можеле да предизвикаат напад (пр.трепкачки светла).
Спортските активности исто така се групирани по висината на ризикот.
- Активности со висок ризик се генерално водени спортови и спортови кои се одвиваат на висока надморска височина. Дел од нив се: нуркање, параглајдерство, сурфање, гимнастика, качување по карпи, скијање на вода, бокс, ски скокови, планински велосипедизам и слично.
- Активности со умерен или мал ризик се сите оние кои се на отворено,во присуство на лица кои се запознаени со состојбата, во сала или игри со топка. Дел од нив се: пливање, борење, мечување, возење кајак, возење скејтборд, бадминтон, пинг-понг, балет, скијање, одбојка, сквош, куглање, кошарка, ракомет, атлетика, тенис, фитнес, аеробик, голф и многу други.
На многу важни личности од минатото и денес, им била дијагностицирана епилепсија. Како голема мотивација служи фактот дека постојат професионални спортисти кои ги оствариле своите соништа за олимписки медал, светска титула или поставување на историски рекорд без епилепсијата да претставува пречка за тоа.
За жал голем дел од лицата со епилепсија се откажуваат од спортските активности поради страв од напади, каде што епилепсијата повеќе претставува психолошка пречка одколку реална. Секој спорт има специфични опасности кои треба реално да се согледаат и испланираат соодветни заштитни мерки, во тој случај спортот би им овозможил на лицата со епилепсија подобро разбирање на своите тегоби а еднаквоста која спортот ја промовира би овозможил лицата со епилепсија да не заборават дека се нормални луѓе кои во другите аспекти на животот не се разликуваат од останатите.
Пишува: Марија Зисовска