Пулeксенија Јовановска: „8 Март треба да нè потсети да се бориме за рамноправност секогаш кога ја немаме“

Пулексенија Јовановска е најдобрата македонска каратистка, најуспешна спортистка за 2019 година и олимписка кандидатка за ОИ во Токио. Верува во себе и како голем борец во спортот и во животот сигурно чекори по патот на успехот. Во каратето се пронаоѓа себеси и го сака спортот што ја гради личноста. Не признава „машки“ и „женски“ спортови и со стереотипите се бори со успеси. За сите жени во спортот има убава порака – жените треба да бидат посебни, а сепак, да бидат жени во машкиот свет.

ТАКТ: Најдобра спортистка на Македонија за 2019 година, најдобра спортистка во индивидуалните спортови во изборот на ТАКТ, најдобра спортистка на Прилеп… Дали овие признанија дојдоа како круна на досега најуспешната сезона во твојата кариера и колку се мотив за уште поголеми успеси во иднина?

Буквално, дојдоа како круна! Некако го заокружив целиот вложен труд, енергија, тренинзи, посветеност, оддавање во спортот. Дваесет години сум активна во каратето, уште од мојата 6-годишна возраст, од 2010 година сум членка на сениорската репрезентација на нашата држава. Навистина ми е драго што се препознаени моите успеси и наградени со такви признанија што за мене значат многу. Успесите што ги редам во континуитет долги години, ме направија да бидам гордо исправена пред сите признанија што ги добив оваа година! Секако, тие за мене значат и голем предизвик и уште поголема одговорност кон она што го правам, да се борам со уште поголема желба за остварување на сите чекори на патот кон успех.

ТАКТ: Кој настап посебно би го издвоила и кој беше тој клучен момент во изминатата година во кој блесна твојот исклучителен потенцијал?

Секој мој успех има посебно место и значење за мене. Но 2019 година дефинитивно ќе ја паметам по борбата за европската бронза на ЕП во Гвадалахара. Во оваа борба дадов и повеќе од тоа што можам. Во тие три минути додека траеше изведбата, јас бев, буквално, „10 во 1“. Концентрација, емоција, желба, страв, исчекување, енергија, уживање, нетрпение… Се случи за минимални поени да ја изгубам европската бронза, но знам дека јас дадов сé од себе, блеснав и тоа направи да продолжам да чекорам напред уште посилна и уште постабилна.

ТАКТ: Олимписката 2020 година ја почна со настапите во Премиер лигата, прво во Париз, а потоа и во Дубаи. Колку си задоволна од резултатите?

Да, имав контролни турнири, но фокусот го ставам на Европското првенство што ќе се одржи оваа година на 25 март. А, дотогаш само ја проверувам формата до каде сум и што треба да поправам. Задоволна сум како котирам меѓу натпреварувачките. Во Дубаи завршив на 21. позиција.

ТАКТ: Местото меѓу 50 најдобри каратистки во светот ти носи статус на олимписка кандидатка и ти го отвора патот за настап на Олимписките игри во Токио, на кои каратето за прв пат ќе биде дел од олимписките спортови. Што значи тоа поконкретно за конечна заверка на олимписката виза? Остварлив ли е олимпискиот сон?

Сон на секој спортист е настап на олимписки игри. Така и мене. Последниве години континуирано сум во врвот меѓу 50-те најдобри натпреварувачки во светот во кати. Свесна сум колку е тешко да се биде дел од Олимпијадата.

ТАКТ: Остварлив ли е олимпискиот сон?

Ужасно е тешко, сите вежбаат, нема слаби натпреварувачки, буквално одлучуваат нијанси. Меѓутоа не е невозможно. Полека се приближувам кон 20-те најдобри каратистки во светот, чекор по чекор, јас не застанувам. Мое е да тренирам. Спортот некогаш е суров, меѓутоа успеваат најдобрите, најупорните, најистрајните. Јас верувам во себе!

ТАКТ: Како почна твојата спортска приказна во каратето и зошто го одбра токму овој спорт?

Спортот го одбрав буквално од љубопитност. Јас сум темпераментен лик, хиперактивна и некако во каратето пронајдов сè она што е потребно за дете како мене. Најдов смиреност, трпение, истрајност, концентрација, мирување, буквално сè што не успевав да го постигнам на поинаков начин. И така почна сè. Потоа мојата посветеност и упорност ми ги донесоа првите резултати. И го засакав каратето. Го засакав начинот на кој каратето ме гради како личност. Се научив на дисциплина, хиерархија, почит, трпение, прецизност, концентрација, правилно телесно движење. Се научив да губам, да станам и да продолжам. Сите спортови се убави, но каратето за мене е посебно. Овој спорт ја нема само онаа натпреварувачка страна, туку каратето те гради како карактер за да можеш да се спротивставиш и да се носиш со сите предизвици и препреки кои ги дава животот – затоа карате.

ТАКТ: Колку спортот влијае и го менува животот на една млада девојка, посебно во помала средина како Прилеп?

Според мене спортот е најдобрата инвестиција за едно дете. Влијае на секојдневниот живот, учиш правилно да ги распределуваш обврските и така наоѓаш време за сè. Од кога знам за себе, знам дека се занимавам со карате. Одењето на тренинг за мене е веќе рутина, начин на живот. Спортот ме промени, ме направи храбра, ме направи издржлива, ме направи упорна. Ме научи што е пораз, ме научи дека не е лесно да постигнеш одредена цел, ме научи дека нема успех преку ноќ. Спортот е убав за сите, но да си успешен спортист е привилегија на најдобрите. Среќна сум што го одбрав спортот како начин на живот.

ТАКТ: Дали каратето и воопшто спортот, дава еднакви можности секој да се реализира и да напредува?

Мојата теорија вели, доколку си успешен, што е твое ќе си дојде. Почетоците за секој спортист се тешки. Меѓутоа откако прераснав во професионален спортист, секако имам бенефит. Да, спортот дава можности еднакви за сите, зборувам за мојот спорт конкретно. Во каратето идентичен број мажи и жени настапуваат на официјалните првенства и секако, успесите се речиси секогаш подеднакви. Тој што сака да тренира има начин и можност насекаде низ нашата земја. Критиките и изговорите се најлесни за луѓето што сакаат брзо да се откажат.

ТАКТ: Дали во својата спортска кариера некогаш си се соочила со одредени родови стереотипи, на пример дека борбата и силата се „машка работа“?

Да, секако. Не мора да е спортот, жената која е способна да направи сè, често е цел на саркастични дофрлувања или исмејувања. Меѓутоа за мене не постојат машки и женски спортови. На тие стереотипи најчесто им се спротивставувам со јасна слика за себе или со успех. Јас сум горда на мојот прв и засега единствен европски бронзен медал освоен во конкуренција на млади сениорки – кати, во 2014 година, кој досега не е повторен од машки натпреварувач, како и на сите мои европски пласмани. Јасно стојам исправена пред фактот дека доминирам во нивниот, ајде да го наречам „машки спорт“. Исто така, во 2017 година, при испитувањето за физички најдоброподготвен спортист, меѓу мажите и жените бев со најдобри резултати. Стереотипи постојат, но жената станува сè поуспешна, сè повеќе и повеќе зема замав во сите професии и мене лично тоа многу ме радува.

ТАКТ: Како голем борец, не само во спортот, туку и во животот, која е твојата порака за спортистките и за сите жени во спортот во пресрет на 8 Март, Денот на жената, како симбол на борбата за еднаквост и за рамноправност?

Сакам жените да бидат посебни, а сепак да бидат жени во машкиот свет. Да не се обидуваат да глумат силни на машки начин, едноставно силата да ја црпат од убавината. Од себеси, од тоа што се способни однатре, од тоа што го прават од љубов, од луѓето што ги сакаат, од чувствата и од емоциите. Да се сакаат доволно и да бидат силни и непоколебливи, а во исто време да се самокритични и рационални за да сменат сè што не им се допаѓа. Секогаш да се борат со времето и со себе. Да бидат жени кои ќе бидат конкуренција сами на себе. Секој ден да ја создаваат најдобрата верзија од себе! Среќен 8 Март, ден кој треба да нè потсети дека треба да се бориме за рамноправност секогаш кога ја немаме. Ден кога треба да си среќна што си ЖЕНА, што се бориш за политичка, економска и социјална рамноправност, за рамноправност на жените во спортот, во културата и во сите сфери од животот.

Билјана Б. Петрушева