Андонови: “Додека бевме во Македонија и освојувавме трофеи, како што е купот или првенството, речиси ништо немаше по весниците”

Така млади, а веќе со богата кариера на фаудбалските терени можат да се пофалат двете сестри Сијче и Наташа Андонови од Неготино. Започнувајќи со Тиквешанка, па потоа Македонскиот национален фудбалски тим, за од 2011 година да започнат европска кариера во Бундес лигата закитувајќи се со бројни трофеи и успеси. Поразговаравме со нив за родовите разлики во спортот кои би сакале да бидат еднаквости.

1. Знаеме дека на почетокот на вашата фудбалска кариера, инспирација и поддршка имавте од татко ви и од дедо, но што е со женската страна во фамилијата? Дали и од нив имавте безрезервна поддршка?

– Здраво на сите читатели од нас. Нашата мајка на почетокот по малку се противеше на овој спорт што ние двете го одбравме бидејќи луѓето во Македонија мислат дека фудбалот е машки спорт и дека треба само тие да го играат, но нашата желба беше преголема, така што сега можеме да кажеме дека нашата мајка е нашата најголема поддршка, секако заедно со нашите баби (хехе).

2. Со кои тренери досега имавте најголема соработка и дали досега сте имале и жени тренери? Доколку немавте, што мислите која е причината за недостаток на жени тренери во фудбалот?

– Па сме работеле со доста тренери во Македонија. Додека бевме во Неготино работевме со Зоран Недев. Потоа бевме во „Тиквешанка“ со Сашо, потоа во „Борец“ од Велес со Тоше Нацев, за Репрезентација у-17, у-19 па и А Репрезентација, работевме со Добре Димовски. Овде може да кажеме дека со Добре имавме најдолга соработка. Жени тренери сме имале само во Репрезентација, но само како помошен тренер, така што искрено, чувството како е да се има жена за тренер не ни е баш познато.

Причините за тоа можат да бидат најразлични како основање семејство, деца, околината, средината во која живееме, недоволна информираност, недоволно средства… Се ова може да е една од причините поради кои нема женски тренер како главен тренер, а не помошен.

3. Во Македонија постојат родови стереотипи и генерално фудбалот сè уште важи за машки спорт. Дали е невообичаено да се биде жена фудбалерка? Како се изборивте со тие стереотипи, особено доаѓајќи од помал град, Неготино?

– Знаете како помали деца, баш и не обрнувавме внимание на сето тоа или не допираше до нас. Секако дека имаше коментари од типот, фудбалот е машки спорт, го играат само машки, а нам ни беше желбата на сите нив да им го докажеме спротивното. И кога игравме фудбал во маало, секогаш сакавме да победуваме да докажеме дека и ние сме на исто рамниште со нив. Беше тешко за нас во тој период додека се изборивме со тие стереотипи, но еве денес можам да кажам дека сето тоа било добар период кој нè израсна во вакви личности.

4. Какви се условите за тренинзи за жени фудбалерки? Дали имавте исти услови како машките фудбалски тимови? Дали ја имавте истата поддршка од заедницата, општината, од публиката?

– Условите, конкуренцијата, првенството, не можат да се споредат со машките. Едноставно е, нема многу девојчиња што играат фудбал, не е секаде развиен по градовите, табу тема е по малите гратчиња… Не сме имале големи услови и реквизити како што е тоа во развиените земји. Најголемата поддршка ни била од нашата фамилија и од пријателите. Општината и заедницата денеска не поддржуваат и се гордеат со нас.

5. Сигурно сте разочарана што нема повеќе женска А репрезентација. Какво е вашето размислување по ова прашање? Дали сметате дека е катастрофален пропуст и грешка која делува на уназадување на женската фудбалска лига?

– Ова е најкатастрофалната одлука што некогаш е донесена во фудбалот воопшто. Ние и без ова бевме неколку чекори зад другите, еве би ги рекла балкански земји, но ова е дефинитивно дното. Ова е разочарувачки за нас, но и за младите фудбалерки кои играат во у-17 и у-19, сепак А репрезентација е стимул, мотив и желба за играње. ФФМ беа глуви на нашите повици, штрајкување, бојкот од наша страна, при што побаравме подобри услови, повеќе вложување и уште многу други работи, но одговорот на тоа беше: – Ја замрзнуваме Репрезентацијата за три години. Најразочарувачки е што медиумите, новинарите, не се ни осврнаа на ова, не напишаа ни една колумна, ни во еден ред во кој било весник. Навистина е тажно кога знаеш дека, едноставно, кон тој спорт и таа гранка јавноста е рамнодушна.

6. Дали во Македонија имавте спортистки на кои можевте да се угледате и кои ви беа инспирација и поттик да продолжите со фудбал? Дали имавте блиска соработка со некоја од македонските спортистки?

– Блиски соработки не сме имале со некоја од македонските спортистки.

7. Денес ти и Наташа сте докажани и успешни фудбалерки. Дали сега сакате да бидете пример и инспирација за што поголем број девојчиња да се занимаваат со фудбал? Дали имате контакт со некои од женските фудбалски тимови со цел да ги инспирирате и мотивирате да продолжат со фудбал? Дали би сакале да бидете менторка на девојка фудбалерка?

– Нормално е дека сакаме да бидеме инспирација на младите девојчиња во Македонија па и на Балканот. Во Македонија имаме контакт со неколку клубови, Наташа има одиграно за ревијален натпревар за екипата на „Тиверија“ од Струмица. Наташа: студирам спортски менаџмент и се гледам себеси во таа насока, па еден ден и да придонесам женскиот фудбал во Македонија да биде на високо ниво.

8. Дали вашите новости и успеси беа доволно застапени во јавноста? Дали имавте медиумски простор како вашите колеги фудбалери или новинарите започнаа да известуваат единствено по склучувањето на договорите со странски клубови?

– Мораме да бидеме искрени, додека бевме во Македонија и освојувавме трофеи, како што е купот или првенството, речиси ништо немаше по весниците… Ниту пак кога игравме со Репрезентацијата бевме доволно застапени, освен кога ќе изгубевме со огромна разлика. Тогаш знаеја да напишат и да се потсмеваат на тоа, но никој не се заинтересирал зошто баш е толкава разликата во голови, можеби поради условите, можеби поради невложувањето во женскиот фудбал… Ова никого не го интересираше, но кога излеговме од државата медиумите сè повеќе се заинтересираа, а особено сега кога сум во Париз.

9. Дали некогаш во светот на фудбалот сте се почуствувале обесправена? Дали во некој момент сте биле блиску до откажување од фудбалот?

– Додека бев во Македонија многу често ми идеше да се откажам, да не играм. Живееме во средина каде што фудбалот е претежно машки спорт, не се вложува во нас, не сме третирани исто како машките… Но затоа секогаш тука биле и се моите родители и фамилијата, кои секогаш ни велеа да не се откажуваме и да гледаме само во иднината. И ете заминавме од мали нозе настрана, упорноста се исплати.

10. Дали Македонија доволно вложува во женскиот спорт? Во фудбал, во кошарка и во сите други останати спортови.

– Досега во повеќе наврати спомнав дека не се вложува и тоа не е тајна. Видете ги само резултатите на Македонската женска фудбалска репрезентација (сега веќе и три години во пауза) ќе видете дека не сме мрднале со прст, а исто ќе видете дека и никој не се интересира да мрднеме со прст. Од женскиот спорт во Македонија мислам дека во ракометот најмногу се вложува, а има и доста резултати.

11. На што најмногу ве научи спортот? На кои вредности ? Што ќе им препорачате на младите девојки кои се на почетокот од спортската кариера? Дали спортот отвора нови перспективи во животот?

– На дисциплина уште од мали нозе. Кога е најтешко да не се откажеш. Да сонуваш големо. Да вложуваш во себе. Тоа што го работиш, да го работиш со страст и со волја. Почитување. Љубов кон семејството.

Подготви: А. Ананиева