Џудото е љубов на прв поглед за Берна Шерифовска. Најпрво нејзиниот брат почнува да тренира, а потоа и таа, па започнуваат да се редат, балканско, европско, светско првенство… За неа нема поголема мотивација од тоа да излезеш од татамите како победник. Пристојна, љубезна, скромна и секогаш одмерена во одговорите, Берна ја пишува историјата по џудо во македонскиот спорт.
1. Невообичаен спорт – џудо, каде првпат се запознавте со оваа вештина и дали сама посакавте да тренирате џудо?
Па најпрвин брат ми почна да тренера. Јас отидов да го гледам и тоа беше љубов на прв поглед.
2. Кои се Вашите позначајни натпреварувања кај нас и во светот?
Според степенот на значење почнуваме од државните првенства потоа балканско првенство, европски купови, европско и светско првенство.
3. Која е Вашата мотивација при тренинзите и натпреварите? Вашата инспиративна приказна.
Мотивацијата најмногу ја црпам од желбата за победа. Едноставно, кога се наоѓам на такви првенства атмосферата ме понесува, се фокусирам и си велам дека ќе дадам сè од себе. Не постои поголема мотивација од тоа да излезеш од татамите како победник.
4. Како би им го доближиле џудото на девојките и на младите жени кои сакаат да тренираат џудо, рекреативно или професионално – со цел актуaлизирање на спортот во нашата држава за целокупната женска популација.
За младите, најважното нешто за нивните години е да се занимаваат со спорт. Зошто џудото? Џудото пред сè учи на дисциплина, посветеност, почит спрема другите, на пријателство… Воопшто позитивно влијае врз формирањето на личноста. Исто така и на жените им помага за одржување добра форма, за ширење познанства итн.
5. Која е Вашата највисока цел, најголема желба во спортот? Што би сакале да постигнете?
Мојата највисока цел е медал на Олимпијада.
6. Дали спортот нè прави подобри луѓе? На што Ве научи џудото?
Мислам дека не постои поважно нешто од спортот. Џудото ме научи како да си го организирам времето, ме научи на лојалност, посветеност, дисциплина, колегијалност, со еден збор ме направи подобар човек.
7. Ако некогаш решите да се откажете од џудото, што би бил втор избор во спортот?
Можеби одбојка или тенис.
8. Кои квалитети треба да ги поседува една џудистка?
По мое мислење најважното нешто во спортот е посветеноста, иако значајна улога има и талентот.
9. Дали преку спортот се остваруваат соништата?
Верувам дека е така
Подготви: Адријана Ананиева