Елена Зисовска: „Спортот нè прави доволно храбри и решителни да посегнеме по своите соништа“

Елена Зисовска, тренира и се натпреварува во дисциплина која претставува ултимативно тестирање на човечките можности, триатлонот. Нејзин постојан предизвик во спортот е себенадминувањето, додека резултатите и наградите го докажуваат тоа. Освен во натпреварувањето во триатлон, Елена активно се занимава со мотивирање на поголем број на девојки да почнат рекреативно да се занимаваат со спорт во нашата земја. Голем предизвик за Елена е оваа сезона да се натпреварува на Half-Ironman трката и секако да го зголеми бројот на победи, да мотивира и напредува на сите полиња.

1. Триатлонот како натпревар кој вклучува три спортски дисциплини, пливање, велосипедизам и трчање на различни должини е релативно нов кај нас. Од каде интересот и љубовта кон овој вид натпревар?

Всушност триатлонот како натпреварување кај нас постои повеќе од 20 години, меѓутоа својата популарност, полека но сигурно, ја дожувува во последните неколку години. За разлика од оваа ситуација кај нас, триатлонот во светот се практикува масовно и претставува ултимативно тестирање на човечките можности. Уште пред да почнам да настапувам на натпреварувањата кај нас, јас редовно живеев со пливањето и возењето велосипед, па така, логично беше да ја проверам мојата подготвеност на еден ваков настан. Почнав ентузијастички и авантуристички, за подоцна комплетно да се пронајдам во овој спорт и да продолжам со специфични тренинзи кои претставуваат постојан предизвик за себенадминување.

2. Честитки за втората награда во триатлон во Преспа. Дали во нашата држава имаме терени кои ги исполнуваат условите за тренирање и одржување на триатлон натпревари?

Благодарам. Секако освоеното второ место на Националното првенство во триатлон претставува дополнителна мотивација за мене. Македонија изобилува со природни локации кои нудат извонредни патеки за натпревар. Но кога станува збор за терени, недостасуваат затворени базени и сали за тренирање во зимски услови.

3. Која е Вашата мотивација за победа, освен самата победа? Како се подготвувате, која е Вашата мисла водилка?

Победата во триатлонот не ја поистоветувам со подиумот. Секако дека секое признание е голема мотивација. Но, најголемата победа е во борбата со себе. Победата над ограничената перспектива. Она што некогаш беше тешко, денес е само загревање. Телото се прилагодува, а умот гледа понатаму. И зависи само од мене, до каде сакам да одам.

4. Што друго е потребно за овој вид натпревар, дали само брзина и тренинг е во прашање или и дополнителни вештини? Колку посветеност бара триатлонот?

Овој вид на натпревар се одвива на различни дистанци. За кратките е потребна брзина и експлозивност, додека пак долгите и екстремно исцрпувачки, бараат и силна ментална подготовка покрај физичката. Снаодливоста е многу корисна вештина при транзициите од една дисциплина во друга и за неа се предвидени посебни тренинзи. Триатлонот бара комплетна посветеност, напорна работа и цврста волја.

5. Која дисциплина во триатлонот најмногу ви лежи, а која најмалку? И дали во зависност од околностите тие се менуваат?

Главната поента во триатлонот е балансот и постојаноста во сите три дисциплини. Не можам да кажам дека имам една омилена, напротив тоа што најмногу ме привлекува кај овој спорт е неговата динамична страна и разновидноста. Толку многу ги сакам сите три, што едвај го чекам следниот тренинг. Никогаш не е досадно!

6. Кој е Вашиот идол во македонскиот и светскиот спорт?

Моите идоли немаат познати светски имиња и нив не ги гледате на пиадесталите на елитните натпреварувања. Моите идоли се луѓето кои и покрај своите попречености, му докажуваат на светот дека силата доаѓа од срцето. Атлетите на Специјална Олимпијада се моја неисцрпна инспирација.

7. Што би сакале да придонесете во македонскиот женски спорт сега и во иднина?

Сметам дека македонските спортистки се уште се соочуваат со дискриминација и добиваат помала поддршка во однос на мажите. На професионален план моментално сум посветена на подобрување на оваа ситуација и сум среќна што запознавам ентузијасти кои го одат истиот пат и веруваат дека може да се изврши влијание во креирањето на стратегии на оваа тема на национално ниво. Исто така, сум во постојана потрага за креативни начини преку кои би можела да мотивирам повеќе девојки рекреативно да се занимаваат со спорт.

8. Што е следно на Вашиот спортски календар?

Посакувам оваа сезона да комплетирам Half-Ironman трка. Овој настан вклучува 1.9км пливање, 90км возење со велосипед и 21,1 км трчање во континуитет. Долго време сонувам за овој атрактивен настан, кој иако претставува трка, за поголемиот дел од учесниците главниот мотив е само да пристигнат на целта.

9. Дали соништата се исполнуваат со спортот?

Спортот не прави доволно храбри и решителни да посегнеме по своите соништа. Не учи да се бориме се додека не се остварат. Спортувањето остава траги во нашите карактери, кои неизбежно не водат кон полно остварување на нашите потенцијали.

10. Што би има порачале на младите девојки кои сакаат да се натпреваруваат во триатлон?

Во спортовите на издржливост секогаш следува награда за храброста. Сакам на сите да им порачам да се охрабрат и да пробаат. И да бидат подготвени да се изненадат од себе.

Подготви: Адријана Ананиева