
Младата Ивана Пројковска, инаку магистер по форензичка физика и безбедносни науки, професионална фудбалска судијка, вели дека фудбалот ја одбрал неа, а не таа него. Пресудно е, вели, за секоја професија човек сам да се изгради како личност и да изгради свој авторитет кој другите ќе го почитуваат и дека во секоја професија која се протега во меѓународни рамки, човекот е огледало на државата која ја претставува. Нејзината порака е дека сè што можеме да замислиме, можеме и да оствариме.
1. Од каде љубовта да им пркосите на родовите стереотипи и да го одберете фудбалот како професија, кој важи за машки спорт?
По природа сум човек што сака различни работи од тоа што повеќето луѓе го сакаат и секогаш се пронаоѓав во работи каде што е потребно повеќе залагање т.е. поголема борба, работа, упорност и натпреварувачки дух. Љубовта за т.н. машки спорт можеби доаѓа од мојот татко со кого долго време ги освојувавме државите низ светот на две тркалa – бев дел од репрезентацијата на моторџии кои учествуваа на ФИМ релијата. Меѓутоа фудбалот не е моја професија, сè уште е мое хоби бидејќи по професија сум дипломиран криминалист, несуден магистер по форензичка физика и безбедносни науки, но за жал или за среќа, никогаш не добив шанса во животот да работам во делот од професијата за која мечтаев додека бев дете. На крај мислам дека фудбалот ме одбра мене, а не јас него… Меѓутоа ништо не е случаjно во животот, па ни ова.
2. Како поранешен играч, а сега меѓународен фудбалски судија верувам дека разликата е огромна. Нешто повеќе како е да се биде во двете улоги.
Па во еден дел – да, разликата е голема. Меѓутоа исто така постојат многу заеднички работи. Заедничко за двете е дека треба напорно да се тренира, да се работи, да се учи… Како играч некој друг се грижи за вас, друг треба сè да смисли, а ваше е само да тренирате и сè она што е зададено да го покажете на теренот. Додека како судија вие сте сам свој диригент… Сè зависи од самите вас, сами тренирате, сами треба да се грижите за едукација (надвор од онаа што ФФМ и УЕФА/ФИФА ја дава), сами да треба да се изградите како личност и да изградите свој авторитет кој другите ќе го почитуваат. Меѓутоа секоја улога си има свои негативни и позитивни страни т.е. свои бенефити. А исто така многу важно е дека и во двете улоги претставуваме огледало на државата која ја претставуваме.

3. Со кои предизвици се соочивте како судијка кај нас и на меѓународните фудбалски терени? Дали одново и одново треба да се докажува жената како судија, повеќе отколку судијата маж? Раскажете ни некоја интересна анегдота што ви се случила на фудбалски терен.
Секој натпревар е предизвик сам за себе. Предизвик сам по себе е важноста на натпреварот т.е. висината на лигата каде што се суди. На нашите натпревари предизвикот е од друга природа за разлика од меѓународните натпревари каде што сè е организирано на високо ниво. Доколку сакаме да судиме на натпреварите од машките лиги, секако дека мора да се докажуваме за да го задржиме местото, меѓутоа штом еднаш ќе ја добиеме нивната доверба подоцна тие самите не бараат да ги судиме нивните натпревари.
4. Која е за Вас мотивацијата и предизвикот да се биде главен судија на ФИФА? Која мисла Ве води? Вашата инспиративна приказна.
Самомотивацијата е страшна работа. Ако самите себе се мотивираме дека сакаме да успееме во животот чуда може универзумот да ни врати. Знаев дека можам и знаев дека сакам да постигнам нешто повеќе во животот од она што секој човек го може и тоа и се случи. Она по кое јас се водам е дека сè она што нема да ме спречи т.е. секоја онаа препрека што ќе успеам да ја преминам, ќе ме направи посилна. Исто така сè она што универзумот го предвидил за мене ќе си дојде во вистинско време кога е најдобро за нас. Работата, резултатот на вредните, успешните и чесните луѓе еден ден ќе излезе на површина…
5. Што за Вас дефинираат зборовите „силна жена“?
Генерално, не само силна жена туку силен човек за мене претставува независен човек, човек со свој став, принципи, гледишта, човек што знае што сака во животот или евентуално човек што знае што не сака, и е спремен на чесен начин со чесна борба да го добие она што го сака и она што смета дека реално му припаѓа.
6. Што би им препорачале на младите девојки кои сакаат да се занимаваат со фудбал или да бидат фудбалски судии?
Прво и основно би им препорачала да не ја слушаат околината во која живеат и луѓето со кои се дружат, барем не оние кои сакаат да ги оддалечат од нивниот сон и оние кои се против тоа што самите го сакаат. Да си го следат својот сон, да го слушаат срцето и да се борат за она што го сакаат во животот. Да си ги одредат целите во животот, да работат што повеќе на остварување на своите цели и што помалку ги споделуваат со околината толку побргу ќе се остварат. Сè што можат да замислат – сè може и да остварат, само од нив самите зависи дали сонот ќе им стане реалност.
7. Кои се најважните квалитети кои треба да ги поседува успешна фудбалска судијка? Дали имате идол жена судија или жена спортистка?
Да биде чесна, искрена, свесна за околината во која живее, спремна на предизвикот која оваа професија го носи, спремна на прифаќање ризици, авантури, организатор на своето време, принципиелна, одговорна… Спремна да учи и тренира целиот свој живот и ако треба некогаш да биде жртва на сопствениот живот… Идол посебен немам. Од многу судијки и судии учев, учам и сè уште ќе учам. А жена идол ми е мојата мајка Неда, која со своите реченици и мисли ме води и ми дава сила да ја истраам борбата во остварување на моите цели.

8. На кој начин спортот Ве промени, на какви вредности Ве научи? Дали нè прави подобри луѓе?
Бидејќи се занимавам со спорт од многу мала, можам да кажам дека спортот не ме промени туку спортот ме градеше како личност. Долги години тренирав карате и кошарка пред да почнам да се занимавам со фудбал, па така немаше потреба за некои промени. Дефинитивно нè прави подобри луѓе, „open mind“, особено тие што успеале да ги напуштат границите на нашата држава и успеале да уживаат во благодатите што спортот ни ги носи. Спортот во човекот ги задржува сите позитивни човечки вредности и така го гради како личност.
9. Во однос на спортот дали сметате дека е полесно за момчињата отколку за девојчињата во нашата држава? Дали имаат доволно поддршка од околината и од државата?
Може да се каже дека е полесно да се успее како спортист за девојчињата бидејќи е помала е конкуренцијата, меѓутоа не е лесно. Поддршката е многу мала, најчесто од фамилијата, од неколку добри другари и колеги, а од државата…
10. Дали се остваруваат соништата преку спортот?
Ако сонот ни е поврзан со спортот тогаш дефинитивно се остваруваат. Сè што може да сониме , да замислиме – може и да го оствариме. Од нас самите зависи…
11. Кој е вашиот најголем сон?
Ова прашање ќе го оставам неодговорено. Сè уште работам на остварување на мојот најголем сон, а кога ќе го остварам, во некоја наредна прилика ќе ви раскажам.