ИНТЕРВЈУ СО СПОРТСКИТЕ НОВИНАРКИ МАРИЈА КОВАЧЕВА И НАТАША СТАНЧИЌ

Упорност, истрајност и цврст карактер, се три основни карактеристики на жените спортски новинарки. Во историјата на новинарството жените секогаш се бореле за своето место, а оваа борба е посебно видлива во спортското новинарство. Бројките се само уште еден показател за тоа. Според податоците од Здружението на новинари, во Македонија има активни 800 новинари од кои само 263 се жени. Во македонското спортско новинарство процентот на застапеност на жените е уште помал, има педесетина спортски новинари и само осум активни спортски новинарки во пишаните и во електронските медиуми. Јавноста знае да биде скептична за жените во спортското новинарство и да го оспорува нивното знаење, нивните способности и компетенции и спортските новинарки често може да се најдат во непријатни ситуации. Но како одговор на тоа, спортските новинарки знаат да бидат истрајни, упорни, некогаш повеќе емотивни, но некогаш и многу поостри и покритични во проследувањето на спортските настани. Наташа Станчиќ (Алфа ТВ) и Марија Ковачева (Спортмедиа), се две од ретките жени во македонското спортско новинарство што повеќе од една деценија успешно чекорат во професијата која традиционално се смета за „машки терен“.

ТАКТ: Како го одбравте спортското новинарство за своја професија?

Наташа: „Не го одбрав јас новинарството, туку тоа мене J. Започнав сосема случајно во спортско радио. Одиш да си најдеш занимација во студентските денови и таа непланирано ти станува професија. Во обид да се пополни слободното време со кое се соочив по прекинувањето со професионалниот одбојкарски ангажман, налетав на оглас во весник, бараа итно новинари со искуство. Не го исполнував почетниот услов, ама добив шанса, потоа се нижеа настани, обврски, задачи, интервјуа, контакти… Ништо не ми беше тешко, а и непознато, кога беа во прашање спортските терени и настани. “

Марија: „Не беше многу тешко. Од мала посакував да бидам новинарка, секако тогаш имав идеја да бидам презентерка на вести. Но таа желба се промени откако почнав да тренирам кошарка. По завршување на мојата кариера сакав да пробам играта да ја пренесам на хартија. Добив шанса во спортскиот весник „Македонски спорт“, кој за жал повеќе не постои, таму почна мојата спортска новинарска приказна. Инаку, љубовта кон спортот ја добив благодарение на мојот татко, секогаш знаеше да најде начин да ме анимира за да гледаме фудбал, тенис, ракомет…“

ТАКТ:  Дали на жените им е потешко да се афирмираат и да направат успешна кариера во спортското новинарство за разлика од машките колеги?

Марија: „Секако, патот е навистина тежок. Треба да вложиш двојно повеќе работа и труд за да ги убедиш сите дека и жените можат добро да „пливаат“ во спортското новинарство. На почетокот никој не те сфаќа сериозно, се прашуваат што бара женско во спортско новинарство, што разбира таа? Имав среќа што дел од колегите веруваа во мене, па несебично ми помагаа. Дефинитивно оваа професија бара упорност и истрајност, цврст карактер.“

Наташа: „Речиси во секое интервју ова е неизбежно прашање. Одговорот со години ми е идентичен. Луѓето се делат на способни и неспособни за извршување на одредена професија. Тоа зависи од начинот во кој се вложуваат и желбата за надградување.“

ТАКТ: Еден од стереотипите во нашето општество е дека спортот и спортското новинарство се „машка територија“. Јавноста знае да биде скептична, а понекогаш и премногу критична, дури и навредлива кон спортските новинарки.  Дали некогаш сте се соочиле со такви предрасуди, препреки или проблеми и како се справувате со тие ситуации?

Марија: „Стереотипите постојат за да бидат урнати. Препреките и денеска постојат, секако тука се и невкусните или навредливи критики, имало и закани. Никогаш не сум се плашела, едноставно сите тие „тропнале“ на погрешна врата (хахаха). За жал, во нашето општество има луѓе кои ги делат работите на машки и женски, но затоа постоиме ние, секако и една организација како ТАКТ, која гласно се бори против ваквите мисленици. Нам не ни е местото само во кујна или пак во фризерница, ние сме поголеми борци и похрабри од мажите, тоа ни е во крвта. Нашите критики се поостри и поискрени. Морам да признаам дека во последните години, начинот на кој гледаат кон нас е поинаков. Колегите и сите оние кои се дел од спортот имаат голема почит, не доживуваат како сериозни соговорници, па дури и ни доверуваат проблеми и бараат совети од нас.“

Наташа: „Имало од сè по нешто во овие 15-тина години наназад. Не се сеќавам на некој поголем инцидент, а може и имало, ама не паметам. За среќа, имам добар филтер и ретко негативните нешта оставаат белег кај мене. Обично се фокусирам и ги паметам позитивните работи. Самокритична сум прилично, оттука и не може да ме изненади и здоболи премногу некој коментар или критика, а јас веќе да не сум свесна за истото. Имало и тендециозни, злонамерни реакции, но реков, не ме допира тоа, и да потенцирам, не биле само од мажи.“

ТАКТ: И во светот и кај нас на раководните и на уредничките позиции во новинарството претежно се мажи. Марија, како прва што го наруши овој „поредок“ во македонскиот спортски медиумски простор и засега единствена главна и одговорна уредничка на спортски портал, што значи за тебе лично и професионално оваа позиција?

Марија: „Тие што ме познаваат добро, знаат дека не сум личност која пати по „титули“, секогаш на прво место бил успехот на мојот медиум, а не позицијата во него. Од друга страна, многу ми значи, бидејќи позицијата е доверена од колеги кои повеќе од 20 години се во спортот и имаат поголемо искуство од мене. Јас сум единствено женско во нашата редакција и слободно можам да кажам дека мојот глас добро се слуша, на моите колеги не им е тешко да ги спроведат моите „наредби“. Ова не го кажав случајно, има и такви кои мислат дека жени новинарки не можат да се носат со една ваква позиција. „Спортмедиа“ испрати силна порака – дека на жените и тоа како им е местото во спортот.“    

ТАКТ: Жените сè уште се малцинство во спортското новинарство, а како коментатори на телевизија се појавуваат многу ретко и тоа претежно на т.н. мали спортови. Наташа, што е причината за ваквата состојба? Дали нашата публика сè уште не е доволно „отворена“ за жена пред микрофонот на голем спортски настани?

Наташа: „Не е за жал. Воопшто, непосакуван е женски глас во позадина на одредени важни натпреври. Во неколкуте обиди кои ги имала не само Алфа ТВ, туку уште неколку други медиуми, впечатокот е дека непожелен е женскиот глас како коментаторски, без разлика на содржината и квалитетот на преносот што се прави.“

ТАКТ:  Дали спортското новинарство е тимски или индивидуален спорт?

Марија: „Ако тимот не функционира како едно, нема успех. Без меѓусебна поддршка, нема да опстане ниту еден медиум. Спортското новинарство е како ракометот, кошарката или фудбалот, мора да има тим со добар напад и уште подобра одбрана. Индивидуалноста не поминува.“

Наташа: „И зад успешниот индивидуалец стои тим стручни соработници.“

ТАКТ: Од вашето долгогодишно медиумско искуство во спортот, што е потешко, да се известува од терен или да се биде во редакција?

Наташа: „Зависи каде повеќе се борите со предизвикот време во секунди. Работата на терен е еднакво стресна додека над глава имате распеани и во делириум навивачи од кои не можете да си го слушнете сопствениот глас, кој треба воедно да има пристојно артикулирање на ТВ екраните, но еднакво работи адреналинот и во тивкото студио, каде што треба да пренесете важна информација среде вести, кои се ограничени во временска рамка што не смее или барем не е пожелно да ја пробиете. Работното искуство ме истренира да правам точна проценка во секунди помеѓу должина на изјавите и прилозите.“

Марија: „Известувањето од редакција е потешко, немаш многу инспирација. Кога си на терен е поинаку, добиваш илјадници идеи, едноставно си полетен. Возбудата што ја носат настапите на репрезентациите или тимовите е неспоредлива, атмосферата што ја доживуваш ти создава чудесен наплив на емоции, кои без проблем ги претопуваш во зборови.“

ТАКТ:  Кој спорт е најтежок, а кој највозбудлив да се „сработи“ новинарски?

Марија: „За мене лично највозбудливи се кошарката и ракометот, особено кога станува збор за настапи на големи натпреварувања. Три години по ред бев на фајнл-фор завршницата во Лигата на шампионите во Келн, има ли нешто повозбудливо од тоа да гледаш како Вардар пред твои очи урива големи имиња? Што се однесува до најтежок, јас би ја ставила Формула 1, спорт, кој за жал не го сакам.“

Наташа: „Најтежок спорт е оној од кој имаш најмалку познавања, највозбудлив онаму каде што натпреварот е решавачки или од големо значење. Професионалниот пристап нема да дозволи да се рефлектира ништо на финалниот производ, кој ќе биде коректен без разлика дали станува збор за нешто маргинално или големо, значајно. Всушност, тоа е основната цел, да бидат истретирани еднакво и помалите, но новинарот самиот е свесен како одредена работа може да ја спакува рутински за кусо време, а за нешто ќе се помачи и ќе се испоти трипати повеќе.“

ТАКТ: Кој е најголемиот проблем со кој се соочува жена – спортска новинарка, во извршувањето на својата работа?

Марија: „Да ги убеди соговорниците дека го разбира спортот, дека има што да каже на таа тема. Да докаже дека открила „скандал“ и тоа сама, дека немала помош од машка личност. Да ја убеди јавноста дека текстот е лично нејзин, особено ако станува збор за скандал и тоа во оние години кога почнува да ја гради својата кариера. На крај, да биде почитувана од колегите, играчите, тренерите и сите спортски работници“.

Наташа: „Емоциите… и шминката (хахахаха).“

ТАКТ: Познато е дека во новинарството и посебно во спортското новинарство, нема одредено работно време, нема викенд, нема празник… Колку е тешко да се усогласат приватните и професионалните обврски?

Марија: „Со оглед на тоа дека спортските навики ги стекнав додека играв кошарка, ни малку не ми беше тешко да ги усогласам приватните и професионалните обврски. Пријателите и семејството веќе беа навикнати на моето темпо на живот, честопати плановите ги правиме според мојот распоред, без разлика дали станува збор за семеен ручек, патување или едно обично кафе. Точно е дека не сме слободни за викендите, ретко кога имаме задоволство да уживаме во такви мигови, но сето ова жртвување ти дава една уникатна можност, од лице место да се радуваш и да известуваш за големите успеси на нашите тимови. На крајот, во нашата професија, особено кога си женско, најважно е да ги имаш вистинските личности покрај себе, кои ќе те поттикнуваат, нема да ти застанат на патот. Кога имаш голема поддршка, тогаш сè е полесно.“ 

Наташа: „На почетокот тешко се помирував, сега домашниот распоред е направен во склад со работниот и се снаоѓаме, јас и сите околу мене. Без помош од најблиските, тешко се функционира. Мојот работен ден започнува често кога децата завршуваат со градинка, училиште и трае до доцна кога тие веќе си легнуваат или се заспани. Досега сум имала среќа и со колегите, да ме заменат кога имало потреба или да го направиме распоредот во зеднички договор, што секако многу значи, посебно кога имате мали деца.“

ТАКТ: Дали „новинарството е убава професија, ако навреме се откажеш од неа“ или „новинарството е предизвик и чивија“?

Марија: „Јас навистина се пронајдов во оваа професија. Нејзината динамика  одговара целосно на мојот карактер, сакам предизвици. Едноставно, со текот на годините стануваш вистински зависник. Можеби звучи чудно, но баш во оние моменти кога ќе почувствуваш дека си уморен од „лудото“ темпо и сакаш да се повлечеш, тогаш се појавува нов предизвик кој ти дава сила, те полни со енергија, продолжуваш како да си се вратил од одмор.“

Наташа: „Засега поблиска ми е втората, кога ќе почне да ми пречи, најверојатно ќе ја прифатам првата девиза. И за двете важи она – ОСМЕЛИ СЕ, само дали да престанеш или да продолжиш…“

Билјана Б. Петрушева