Софија Бејковска Чачоровска: „За вистинска промена, потребни се вистински луѓе“

Младата Софија Бејковска Чачоровска, професорка по занимање, рекративен пливач и граѓански активист го преплива Охридското Езеро во 2016 год. со цел да поттикне и разбурка свест кај наделжните власти за изградба на покриен базен во нејзиниот роден град Битола. Подвиг од светски размери кој заслужува секоја чест и пофалба и исполнување на целите, едната лична, другата за доброто на заедницата. И по една година повторно упатуваме апел, подвигот на Софија да не остане залуден. Подвиг кој би имал далекусежни позитвни ефекти за сите нас. Девојка која плани со својот самопрегор, силна волја и работа и има уште многу достигнувања во својот ракав.

1. Од каде идејата и желбата да се преплива Охридското Езеро?

Желбата да го препливам Охридското Езеро ја имам, ми се чини, отсекогаш. Со моите родители секое лето одевме на семеен одмор во Трпејца, од каде што ги носам можеби и најдрагите детски спомени, но оттогаш го засакав и езерото. Гледајќи ја мојата желба, татко ми кога имав 11 години ме запиша на пливачки курс кај тренерот Кире Марков, кој како голем ентузијаст и тренер на повеќе генерации, ни даде уште поголема желба за пливање. Така, секој одмор поминат во Охрид си правев пократки тури, на пример од Трпејца до Св. Заум, па Трпејца – Градиште, Трпејца – Љубаништа, Градиште – Пештани и др.

2. Како течеа подготовките? Колку време се подготвувавте и кој беше со вас низ целиот тој период? Како одеше целиот соло маратон?

Искрено да Ви кажам, подготовките не беа баш најлесни. Посебно кога живееш во град во кој пливачката сезона е околу две-три месеца. Почнав активно да тренирам околу 20 јуни 2016 година, а соло маратонот го пливав на 4 септември истата година. Тоа се само два и пол месеца тренинг и генерално самото пливање бара преголема дисциплина, посебен начин на исхрана и огромна волја. Се решив да го направам тоа на 29 години, како заокружување на третата деценија од животот, и со таа мисла на 20 јуни се вратив на тренинзите кај мојот тренер од детството и му ја кажав идејата. Така и сè почна. Во работните денови наутро одев на работа, попладне на тренинзи. Кога не бев на работа одев на тренинзи двапати дневно (наутро и навечер). Со мојот сопруг поставивме приколка во автокампот Љубаништа за да можам за време на колективниот одмор да тренирам секој ден. Во Љубаништа со програмата која ми ја даде тренерот продолжив да тренирам од 6 јули секојдневно наутро и навечер. Некогаш три часа наутро, три часа попладне. Си измерив пливачка патека покрај плажата од 700 метри и тренинзите речиси секогаш ми беа на таа патека. Неколку пати пливав и на различни релации, меѓу кои на 16 август (Љубаништа – Пештани, околу 13 км) и на 27 август (Пештани – Охрид, повторно околу 13 км).

Во текот на подготовките имав огромна поддршка од многумина драги луѓе на кои им должам огромна благодарност. Особена благодарност му должам на мојот сопруг кој беше најголемиот организатор за да можам што полесно да си ја остварам желбата, и кој скоро цело време беше со мене и ме бодреше додека ми траеја подготовките.

Во текот на соло маратонот на 4 септември ме придружуваа тренерот Кире Марков, татко ми Лазар Бејковски и сопругот Влатко Чачоровски, кои всушност се најзаслужните луѓе за прво да го засакам пливањето, а потоа и да си ја остварам големата желба.

Кога пливаш толку долга патека низ главата ти поминува животот во кратки црти. Од најубавите работи до најлошите работи што ти се случиле. Ритамот е еден ист и некогаш занесува. Кај Трпејца се присетив на првите обиди како дете да се одржам во водата и да пливам. На сите обиди на моите родители да ме научат да пливам и на сите расправии кои сме ги имале кога сама одев во длабочините. Дури и се смеев додека пливав. До Лагадин ме држеше супер расположение за кое најмногу се потруди тренерот кој воопшто не седна, не касна ништо додека ме следеше и постојано правеше сè за да ме насмее. Најголема криза имав кај Метропол. Имав уште осум км до целта, 22 км зад себе, ненормална болка во мускулите на рацете и паѓав во искушение да се откажам. Постојано ме држеше една мисла која претходно ја имав прочитано од друг маратонец „Болката е неизбежна, но откажувањето трае засекогаш“. Стигнав ноќе на пристаниште во Охрид каде што ме пречекаа многу луѓе. И тогаш се расплакав. Не знам ни сама зошто. Без збунета. Капетанот Зоран Ангелоски нè прими сите во својот брод, каде што собрав сили, испив чајче и се вратив при себе. До ден денес сè уште ми е чудно дека го остварив тоа што отсекогаш го сакав. И сега тука во Љубаништа повторно, сè уште не ми е јасно… Веројатно треба да помине подолго време да си создадам слика…

3. Дали една година по Вашиот маратон има изгледи дека целта поради која го препливавте Охридското Езеро ќе се исполни? Дали има изгледи наскоро да се изгради покриен базен во Битола?

Една цел за да го препливам Охридското Езеро беше моја, лична. Другата беше за доброто на заедницата во која живеам. За покриениот базен откако го испливав езерото повторно се крена фама, ама тоа траеше неколку месеци и, како и многу работи, заврши само на ветувања. Не мислам дека има изгледи да се изгради покриен базен во Битола, што навистина ме прави тажна, бидејќи од една страна си го гледам мојот сопствен град како пропаѓа, како се градат тотално бескорисни работи, а не се гради она кое навистина ќе им помогне на многу луѓе и деца од кои некои можат да израснат во врвни пливачи во иднина. Да имав јас затворен базен како дете, сигурна сум дека ќе се занимавав професионално со пливање и наместо да пливам 30 км за 10 и пол часа, ќе можев да остварувам подобри резултати и да се натпреварувам и со други маратонци кои во државата имале колку-толку подобри услови. Јас и тука апелирам дека е крајно време Битола да види светол ден и да се направат некои работи за колективното добро на жителите во градот за да не се иселиме сите оттука.

4. Со Вашиот несекојдневен подвиг Вие сте поттик за многу млади жени и девојки да бидат упорни и истрајни во она што сакаат да го постигнат преку спортот. Што би им порачале на жените/девојки кои сакаат да донесат вистинска промена за својот град или држава?

Мене ми е навистина мило ако некому сум мотив за остварувањето на своите лични цели. Да се чуе тоа, навистина радува. За да се донесе вистинска промена, покрај нивната желба потребни се и вистински луѓе околу нив. Луѓе кои ќе ги почитуваат нивните вредности и со кои заедно ќе градат подобро општество. Тешко е човек сам да се бори… Доколку немаат услови во својот град или во државата, има начини да се борат и надвор од својот град или држава. Некогаш ќе придонесат повеќе однадвор со ентузијазам отколку одвнатре со убиен дух.

5. Како активист и рекреативен спортист дали повторно би ги насочиле своите сили за остварување на сличен подвиг?

Да. Моите идни планови се да заминам надвор од државата, конкретно во Австралија, каде што ќе имам подобри услови во однос на мојата професија и подобри услови за да се занимавам со пливање. Доколку заминам за скоро време, би сакала по некоја година да се обидам да го испливам Ла Манш и повторно на 39 години да го испливам Охридско Езеро. И тогаш повторно тоа ќе го направам прво за себе, потоа за градот во кој се родив. Можеби по 10 години и ќе се изгради покриен базен.

6. Дали преку спортот се остваруваат соништата?

Секој на различен начин ги остварува своите соништа. За тие кои активно се занимаваат со спорт начинот да ги остварат своите соништа е спортот. И тоа треба да се вреднува и да се почитува од колективот.

7. Кој е Ваш идол од македонскиот и светскиот спорт?

Идоли немам, но особено ги почитувам македонските маратонски пливачи (сега) и маратонски пливачки во минатиот период. Атина Бојаџи ми беше најсакана кога бев дете, а Евгениј Поп Ацев за мене е големо изненадување последните години поради неговата борбеност, а скромност, поради проблемите со кои се соочи минатата година на Охридскиот маратон и поради упорноста и по подолга пауза од здравствени причини да стане најдобриот маратонски пливач во светот во 2015 година. Јас не би ги делела на македонски и светски спортисти. И македонските се светски, само им требаат подобри услови и поголема почит. И, секако, во земјава има премногу спортист(к)и кои се навистина извонредни и во другите спортови и кои треба многу повеќе да се спомнуваат и многу повеќе да слушаме за нив во медиумите. Зашто спортот не е само фудбал, ракомет, кошарка… со сета почит и кон тие спортови.

8. Што му недостасува на македонскиот женски спорт и како да се поттикнат младите девојки да спортуваат и да постигнуваат резултати?

Прво е нивната желба и самодисциплина. Второ и исто толку важно е околината во која растат. Спортистите, без оглед дали се мажи или жени, треба да се вреднуваат исто при остварувањето на државни и светски резултати. Тоа се поттикнува преку образование и култура. Ако поставиме општествени вредности, многу полесно ќе ги почитуваме индивидуалните и ќе ги восприемаме како колективни. Трето најважно нешто е подобрување на условите во кои нашите спортисти се занимаваат со спорт. Ако нема услови, нема спорт. Издвојувањето финансиски средства за спортување е исто толку важно. Не може да очекуваме спортистите од свој џеб да си го плаќаат патот до местото каде што треба да се натпреваруваат или да искачуваат планина, да пливаат итн.

9. Кои се Вашите идни спортски и активистички предизвици?

За моите спортски предизвица кажав накратко во некое од претходните прашања, а активистички предизвици имам цело време кога живеам во Битола. Немам конкретни, се раѓаат во самото секојдневие во градот кој пополека престанува да биде град.